Македонија
11. December 2015 - 12:43

Ќе се гради пречистителна станица за отпадни води во општина Кичево

Во Кичево денеска е потпишан договор за изградба на пречистителна станица за отпадни води со што се очекува да се обезбеди директна заштита на водите во оваа општина.

Договорот го потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари и директорот на јавното комунално претпријатие „Комуналец”, Зендел Јонузи.

Вкупната вредност на проектот изнесува 8.600.000 евра, а средствата се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА). Планирана е изградба на пречистителна станица во Кичево со капацитет за 32.000 жители со можност за надоградување до капацитет од 45.000 жители.

Градбата треба да почне од овој месец и да трае 18 месеци, со гарантен период од 12 месеци. Проектот ќе го спроведува Министерството за животна средина во соработка со општината јавното претпријатие „Комуналец”.