Македонија
31. August 2017 - 13:47

Ќе се гради нова времена депонија кај Ново Конско

Новата времена депонија кај Ново Конско, во општина Гевгелија, ќе биде првата современа депонија за комунален отпад во Македонија и ќе претставува најсоодветно решение за досегашните проблеми на граѓаните на Гевгелија кои ги предизвикуваше дивата депонија, истакна на денешната јавна презентација Марјан Михајлов, инженер по животна средина.

- Новата депонија ќе биде изградена со сите неопходни заштитни мерки за околината. Отпадот секојдневно ќе се компактира и врз него ќе се поставува дневна покривка од земја со цел да се спречи разнесување и запалување на отпадот. Депонирањето ќе се врши во хидроизолирани услови со поставување глина и синтетички непропустливи материјали и во неа нема да се депонираат опасни материи, рече Михајлов, кој нагласи дека депонијата ќе биде целосно заградена и обезбедена со чуварска служба.

Новата современа комунална депонија ќе се гради на површина од 2 хектари со помош на УНДП и фининаиски средства од јапонски грант кои беа доделени на општините што беа најмногу погодени од бегалската криза.

Досегашната депонија кај Гевгелија, според Михајлов, е оценета како втора најризична депонија во Македонија, бидејќи е сместена во коритото на Сува Река без никакви заштитни мерки.