Кошарка
14. јуни 2017 - 12:01

Ќе се гради нова сала за КК Работнички

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска ќе распише конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“.
 
Оваа сала со капацитет од 3000 гледачи ќе биде новиот дом на најтрофејниот клуб КК „Работнички“ и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.
 
Салата ќе биде проектирана како повеќенаменска, изградена по сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.
 
Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, пералница, како и прес-центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата е предвидена да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.
За гледачите и посетителите ќе има фан-шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.
 
Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, канцеларии за управа, архива и сала за состаноци.
 
Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минимум три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.
 
Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс.