Македонија
1. November 2016 - 13:54

Ќе се гради нов мост на реката Брегалница, кај Зрновци

Мостот на реката Брегалница, кој ја поврзува општината Зрновци со Кочани и источниот регион ќе почне да се гради. На местото на стариот и дотраен мост, кој страдаше од поплавите во февруари минатата година, ќе биде изграден нов мост во должина од стотина метри со широчина од 6 метри и ќе биде изграден на носечки осум столба. Изведувачи на работите ќе бидат компаниите „Фресине“ и „Гранит“ од Скопје. 

Ова на денешната прес-конференција го најави градоначалникот на општина Зрновци Блаже Станков.

- Општина Зрновци ќе почне со поставување на бетонски пропусти како можност за сообраќајно решение преку реката Брегалница за лесни моторни возила. Паралелно со ова очекуваме компаниите избрани за изведувач на градежните работи на мостот „Фресина“ и „Гранит“ деновиве да почнат со своите активности со отстранувањае на оштететниот мост и градба на нов, истакна Станков.

Од самиот почеток за подготовка на изградбата на мостот на наше инсистирање, како што рече, беше предвиден помошен премин, изграден од бетонски пропусти со цел да се поминува со лесни возила низ реката Брегалница.

Станков потсети дека како општина се обиделе неколку пати да го забранат движењето по мостот, но, како што рече, жителите постепено почнаа да ги отстрануваат барикадите и целосно да го користат мостот, кој беше забранет за употреба. 

Финанасиските средства се обезбедени од ЕУ од Програмата за штети од поплавите во 2015 година. Овие средства се добиени преку УНДП, кои ја спроведоа тендерската постапка за реализација на мостот. 

Градоначалникот Станков појасни дека досега избраните компании не почнале со работа бидејќи се уште било во процедура обезбедувањето согласности од надлежните институции.