Македонија
10. November 2015 - 14:14

Ќе се гради експресен пат Штип-Кочани, обезбедени средства од ЕБОР

Македонија доби од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дополнителни 21 милион евра со кои се овозможува наместо реконструкција на постоечкиот, изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани. Договорот го потпишаа денеска во Лондон вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, првиот потпретседател на Банката Фил Бенет и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.

Експресниот пат ќе биде со должина од 28 километри, и ќе има четири ленти. Ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот, а ќе се влијае и на заштита на животната средина. Треба да почне да се гради во првиот квартал следната година.

Вкупната вредност на овој проект е 53,4 милиони евра. ЕБОР почна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес, во земјата има потпишано над 90 проекти со нето кумулативен износ од над 1,5 милијарди евра.