Бизнис
13. September 2017 - 15:31

Ќе се градат фотоволтаични електрани од околу 30 до 40 мегавати

Обновливите извори на енергија е едно од прашањата на кои Владата сериозно ќе се посвети во своите проекти, при што работата ќе биде насочена кон тоа како да се создадат повеќе такви извори користејќи го моделот на премиум, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на завршниот настан за Проектот за инвестиции во чиста енергија во организација на УСАИД.

Тој појасни дека овој модел значи дека нема да има фидинг тарифа. Оној што ќе изгради фотоволтаична електрана на слободниот пазар ќе конкурира за премиум, кој е всушност субвеција од буџетот. Таа ќе биде критериум за тендерот. Кој ќе бара најмала субвенција тој ќе има можност да ја изгради фотоволтаична електрана.

Анѓушев истакна дека еден од проектите, кој е планиран е изградба на околу 30 до 40 мегавати фотоволтаична електрана. Ќе се пронајде државно градежно земјиште, од неквалитетна категорија, ќе се урбанизира, ќе се направи инфрастуктурен проект. Планирано е да се направат три или четри такви во државата и во секоја ќе има по пет, шест или седум мегавати во зависнот од просторот.

- До секоја локација ќе донесеме приклучок. Државата ќе го направи приклучокот, а тендерскиоит критериум ќе биде кој ќе бара помал премиум, рече тој

Денешните трендови покажуваат дека денес инвестиција во опрема за еден магават во фотоволтаична електрана е на ниво за 40 отсто поевтино од пред седум години.

- Ако пред седум-осум години за еден мегават електрана биле потребни два милиони евра, денес тоа чини 600 илјади евра, рече вицепремиерот.

Според него обновливите извори на енергија се иднината на нашата држава, но и на целиот свет, оттаму и нивната важност. - Тоа, додаде, е особено важно за Македонија, бидејќи таа е сиромашна со енергетски ресурси, нема нафта, гас, има лимитирани количини јаглен и некаков хидропотенцијал, но и последната капка вода да биде искористена не е доволно за да се задоволат потребите на земјата, додаде тој. 

За да се реши ова прашање потребен е компромис меѓу две крајни ситуации, од една страна да се создадат повеќе обновливи извори на енергија, а од друга страна тоа да не влијае врз цената на електричната енергија на крајните корисници.

Во Македонија, согласно изработената студија за состојбите во оваа сфера постојат 68 мегавати инсталирана сила во мали електрани, некаде околу 18 мегавати инсталирана сила во фотоволтаици, кои се под фидинг тарифа и некаде околу четири или пет, кои се надвор од неа и 36 мегавати ветерни електрани.

Анѓушев додаде дека европските и глобалните искуства покажуваат дека обновливите извори на енергија не можат да бидат конкурентни со другите извори на енергија и оти не треба да бидат ставени под управа на пазарните механизи.

Претставникот на УСАИД во Македонија Дејвид Атебери изјави дека со проектот, кој траеше четири години се постигнало зголемување на инсталираната моќност на енергетските капацитети кои користат обновливи извори на енергија од 10 мегавати во 2012, на 115 мегавати во 2015 година, како и зголемување на производството на енергија од обновливи извори, од 18 гигават часови на 263 гигават часови.

- Ова придонесува за намалување на емисиите на штетните гасови и за исполнување на обврските од меѓународните договори за климатски промени, додаде тој

Директорот на проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија Самир Латиф додаде дека како резултат на проектот се промениле неколку закони и подзаконски акти, со кои се скратила временската рамка на инвестициите во обновлива енергија од првичните 36 на 24 месеци.

Проектот беше имплементиран од непрофитната организација Винрок интернешнл (Winrock International) а на денешното одбележување на неговото успешно завршување се обрати и директорот за чиста енергија, животна средина и вода Амит Бандо, кој изрази задоволство од резултатите, кои се постигнати. 

Вредноста на проектот беше 2,3 милиони долари и беше реализиран во соработка со Владата и приватниот сектор. Целта беше да се зголемат инвестициите во енергија од обновливи извори, да се намали потрошувачката на енергија и да се намалат емисиите на штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот стаклена градина. 

Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија се надоврза на претходната помош од УСАИД со која беа поставени основите за развој на секторот обновлива енергија и енергетско ефикасни технологии во Македонија.