Македонија
16. јуни 2020 - 9:05

Ќе се гласа три дена, а на изборниот ден од 7 до 21 часот

Гласањето на парламентарните избори на 15 јули ќе се одвива три дена, а на изборниот ден ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 19 до 21 часот.

Според Уредбата со законска сила што ја донесе Владата,  на 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Во општините во кои гласаат овие лица, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор.

На 14 јули 2020 година ќе гласаат немоќните и болните лица, како и хронично болните и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите. Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се преземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на Државната изборна комисија.

На изборниот ден, на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообиаеното на претходните избори кога гласачките еста се затвораа во 19 часот.

Изборната кампања започнува на 24 јуни година и трае 20 дена. Според најавите од надлежните, денот на одржувањето на изборите, 15 јули, ќе биде неработен ден.