Македонија
2. April 2018 - 16:23

Ќе се гарантира квалитетот на лековите од паралелен увоз - пациентите не веруваат и бараат да се укине

Со сертификат од призводителот и од референтна лабораторија, здравствените власти ќе го гарантираат квалитетот на лекови од паралелен увоз.

Министерот Филипче најави и враќање на големи фармацевтски компании кои ги затвориле претставништвата во Македонија поради нелојалната конкуренција од евтина терапија која доаѓала од земји кои не се членки на ЕУ.

На јавната расправа за измените на законот за лекови, надлежните ветија и засилување на контролните механизми за да нема повторно сомнежи за фалсификувани препарати.

-Ќе се зајакне контролата и безбедноста на лековите со овие измени и серификати кои се бараат, вели Венко Филипче, министер за здравство

-Немаме усогласдена регулатива со ЕУ, но целста сдо овие измени не е укинување на паралелниот увоз туку зајакнување на механизмите, вели Роберт Беќировски, директор на Агенција за лекови

И додека надлежните најавуваат ред во здравствениот сектор со вакви закони, пациенти кои на своја кожа ги осетиле штетните последици од неквалитетна терапија, побараа укинување на паралелниот увоз на лекови.

-Јас сум со Гоше, добив алергиска реакција, девојче од 14 години имаше анафилактичен шок..Потоа ги повлекоа тие лекови и седум месеци останавме без терпеија...Имаме сомнежи многу, зошто, како што е донесен така и не го тргнете паралелниот увоз, вели Весна Алексовска од Здружение за ретки болести.

Сомнежи за паралелниот увоз има и кај лекарската фела.

-Не смее да е на штета на здравјето на пациентите, вели проф.др.Зоран Гучев.

Заклучоците од јавната расправа спроед надлежните ќе бидат земени во предвид кога ова законско решение ќе се најде пред пратениците.

САЊА ДИМИТРОВСКА