Бизнис
20. September 2017 - 19:44

Ќе се формира регионална платформа за младинско вработување

Седум балкански земји ќе креираат регионална платформа за социјални иновации во младинското вработување. Поразителна е статистиката за младинската невработеност, која кај нас, само во вториот квартал годинава бележи 47 % невработени лица, на возраст до 24 години.

- Идејата е да се слушне гласот на младите, да можат тие да станат корисници на активните мерки, да се вклучат во програмите, се со цел да добијат вработување –изјави Златко Талевски, извршен директор на МКЦ-Битола

Актуелните активни мерки за вработување во Македонија се многу атрактивни, но мониторингот покажал дека тоа е само на хартија. Ефектот е максимално незадоволителен, бидејќи со сите мерки, грантови, кредитирање, ослободување од придонеси, во првите 5 месеци од 2017 година има само 42 директни вработувања

- Со оваа динамика не можеме да очекуваме дека ќе се подобри на долг рок состојбата со младинската невработеност-додаде Талевски

Во подобрување на младинскиот стандард активно се вклучува и Агенцијата за млади и спорт, која заедно со Министерството за труд и социјала, Агенцијата за вработување, Универзитетите и младите луѓе, промовираат нови мерки кои ќе им овозможат до едукација, пракса и обука.

- Заеднички најдовме концепт како да го спроведеме во интерес на младите во Р.М.-изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт

Крајната цел е младите да не се иселуваат, туку преку вклучување во соодветна програма, на среден рок од 3 до 5 години, да си ја осигураат економската иднина во местото на живеење.