Македонија
10. November 2017 - 15:16

Ќе се финасираат иновативни идеи за намалување на загадувањето на воздухот

Претставници на Фондот за иновации и технолошки развој денеска во Општина Тетово ги претставија можностите од јавниот повик за финансирање на мирко мали, мали и средни претпријатија за намалување на загадувањето на воздухот.

Директорот на Фондот Јован Деспотовски истакна дека вкупната сума определена од Владата за оваа намена изнесува шест милиони денари за развој на вакви решенија и дека се заинтересирани за проекти за менување на навиките во греењето сообраќајот.

- Пред се не интересираат проекти за менување на навиките во сообраќајот, за менување на начинот на загревање, како и нови решенија во сферата на урбанизмот со што ќе се намалат емисиите на штетни гасови и ќе се придонесе кон подобрување на состојбите со квалитетот на воздухот. Овој јавен повик беше отворен минатата недела и по денешниот почеток во Тетово слични промоции ќе имаме и низ други места низ државата на кои ќе ги запознаеме заинтересираните со повеќе информации околу критериумите што очекуваат како проекти и развој на креативното и иновативно размислување на компаниите, рече Деспотовски.

Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи посочи дека ваквите проекти се важни за општината, и најави што поскоро активирање на јавниот превоз низ градот и поддршка на гасификацијата.