Македонија
18. April 2019 - 16:09

Ќе се бира ли претседател во Собранието, Дескоска најавува уставни измени ако нема цензус на изборите

Власта разгледува две опции ако не се постигне потребниот цензус во вториот круг од изборите. Шефот на државата да се избира во Собранието или  отстранување на потребното мнозинство на излезност.

  Ние имаме препорака од Венецијанска комисија дека цензусот што постои во Уставот за избор на претседател е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато. Тоа е препорака што се провлекува уште од претходните избори. Странските експерти веќе забележале дека има нешто што е нетипично во другите земји што некогаш на некој начин може да претставува опасност за да не може успешно да се спроведат претседателски избори. Менувањето на Уставот со цел да се олесни процесот на избор на претседател е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции, едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови  победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собрание. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право, изјави Дескоска

И двете опции кои ги споменува Дескоска бараат ново отворање на Уставот. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, измена на највисокиот правен акт е единствено можно само договор помеѓу лидерите на политичките партии.

Неисполнет цензус во вториот круг и инсистирање на уставни измени без претходен договор, според Арсовски ќе ја доведе Македонија во нова политичка неизвесност.

Според постоечките законски решенија, ако ниту еден од двајцата кандидати не го освои потребниот број на гласови во вториот круг, целиот изборен процес се повтотува. Во меѓувреме претседателската функција ќе ја превземе спикерот Џафери.