Македонија
9. December 2015 - 13:53

Ќе се бара нова локација за Центарот за лица со церебрална парализа

Општина Центар утре почнува со расчистување на локацијата каде што ќе почне изградба на првото основно училиште во населбата „Капиштец“, а до наоѓање и адаптирање на потребниот простор Дневниот центар за деца со церебрална парализа, ќе продолжи да функционира на истата локација.

Како што се наведува во соопштението на општина Центар во ноември месец, Владата го доделила земјиштето на општина Центар, со цел – изградба на основно училиште, согласно ДУП-от, но 2 месеци претходно, Владата на Дневниот центар за лица со церебрална парализа им го доделила објектот кој е сместен на истата локација.

Денеска во Министерството за труд и социјална политика се одржа средба на министерката Фросина Ташевска Ременски со претставници на општина Центар, претставници од Дневниот центар за лица со церебрална парализа и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје.

Во соопштението на Центар се наведува дека до 20 декември треба да се најде соодветна локација, на која ќе биде адаптиран простор за потребите на овие 40-тина деца, како и дека општината ќе направи се во рамките на своите можности во наоѓање на соодветно решение.