Македонија
25. јуни 2022 - 16:30

Ќе продолжат ли археолошките истражувања на локалитетот Стибера?

Прилепските археолози нема повеќе што да истражуват на античкиот локалитет Стибера, затоа што сите парцели кои се во државна сопственост, се истражени, а останатиот дел од градот се наоѓа под земја на приватни ниви. Дури и дел од тоа што досега е истражено морало да се затрупа повторно, како на пример Собранието на градот, затоа што се наоѓа во приватен посед. Од Стибера се откриени само неполни 5%. Археолозите бараат државата итно да го реши овој проблем со жителите на селото Чепигово во чии ниви се крие непроценливо културно наследство.

„Одговорот на државата е дека парцелите можат да се разменат само 1 према 1, тоа подразбира  за еден декар земјиште овде 1 декар да им се даде покрај реката каде е и поплодно земјиште. А мештаните си ценат, сакаат 2 према 1, 3 према 1, а јас да сум државата би му дал и 5 према 1, затоа што тој мештанинот ќе ја работи таа парцела, ќе имам јас дома да јадам производи од земјоделие негови, тој ќе работи, нема да бидат запуштени тие државни парцели, а од друга страна јас како археолог ќе се радувам и ќе копам тука на парцели кои ќе бидат да речиме државни еден ден“, вели Душко Темелкоски, археолог, раководител на истражувањата.

Археолозите велат дека затрупани под земја остануваат голем број палати, театарот и најзнaчајниот дел некрополата на градот. Стибера е на ранг на градовите Стопи, Хераклеа, Скупи.

„Тоа што не би можело да се продолжи со археологија во наредните години ќе изгуби многу и науката, но и јавноста и Македонија како голем културен потенцијал што го има Стибера, затоа што оваа земја под неа крие уште многу вакви јавни градби, репрезентативни градби затоа што како што кажав Стибера била многу значаен град со 20.000 жители во античко време, во римскиот период 1 и 2 век од наша ера. Тоа еквивалентно денес би било на околу 200-300 илјади жители во денешно време. Апсолутно значи губиме сите“, додаде Темелкоски.

Годинава во близина на агората или пазариштето, кое се откри лани под римските слоеви на градот, се пронајдени остатоци од времето кога Стибера била дел од Античка Македонија. Пронајдени се и артефакти од овој период. Сега во наредните години се планира конзервација на овој простор, но дали археолозите и понатаму ќе можат да истражуваат тука и да откриваат нови велелепни наоди и објекти, на потег е државата.