Македонија
4. May 2021 - 16:44

Ќе попушти ли Владата под притисокот за предвремено намалување на рестриктивните мерки?

Владата на седницата која почнува во 19 часот ќе одлучува дали од утре граѓаните ќе имаат повеќе време за шетање и седење во кафеани и ресторани. На дневен ред е предлогот на Главниот координативен кризен штаб кој бара од 5ти април полицискиот час да почнува од 23 часот до 5 наутро а угостителите да работат до 22.30 и тоа само во отворените делови. Ваквата одлука според здравствените власти се должи на актуелната епидемиолошка состојба, но никаде нема информација дали ова е став и на Комисијата за заразни болести. Според информации на Сител на утринскиот состанок на Комисијата, членовите воопшто не расправале за овие мерки, додека, пак, на прашање на Сител до МЗ дали за олабавување на рестрикциите е консултирано советодавното тело на министерот, го добивме следниот одговор-

-Предлог мерките се усогласени со актуелната епидемиолошка состојба во државата - намален е притисокот врз болниците, односно хоспитализацијата на ковид паценти кои имаат потреба од болничко лекување, а намален е бројот на позитивни ковид пациенти. Соред епидемилошките показатели  намален е и R0 факторот.

Пред одлуката на кризниот штаб, најавите беа дека сегашните мерки ќе останат на сила до 15ти мај по што надлежните ќе одлучуваат дали ќе има нивно укинување или не. Наместо за скратување на полицискиот час, дознаваме дека Комисијата на следниот состанок  наредната недела ќе дискутира за евентуално укинување на задолжителното носење на маски на отворено.

Инаку моменталната состојба покажува дека на болничко лекување има 1068 пациенти а трендот на намалување го бележи и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. За 39,7 проценти има помалку нови случаи, а за 20 проценти е намален и бројот на починати. Но дури за 17,6 проценти е намален и бројот на тестирани изминатите седум дена.

Извештај на ИЈЗ од 26.04 до 02.05 2021

39,7% намалување на бројот на нови случаи

20,9% намалување на бројот на починати лица

17,6% намалување на бројот на тестирања

Иако состојбата според здравствените валсти се стабилизира, статистиката покажува дека април е најцрниот месец од почетокот на пандемијата во земјата. Во четвртиот месец годинава како последица на ковид 19 битката ја изгубиле 1074 граѓани што е највисока бројка по месеци досега.