Македонија
24. September 2021 - 21:17

Ќе остане ли Скопје во мрак, ако компанијата за снабдување со струја остане без лиценца?

Скопските улици нема да останат во мрак уверуваат надлежните. Откако РКЕ најави дека е почната постапка за одземање на лиценцата на У Пауер, снабдувачот со кој Град Скопје има склучено договор за снабдување со електирчна енегија се отвори прашањето дали метрополата ќе остане без напојување. Сепак од Градот уверуваат дека тоа нема да се случи.

-До овој момент нема официјално известување од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дека на компанијата со која имаме склучено договор за снабдување на електрична енергија и е одземена лиценцата за вршење на оваа дејност. Дури и да се случи тоа, постојат механизми и гаранции каде во тој случај обврските од договорот за доставување на електрична енергија би ги презеле други компании или универзален снабдувач согласно законот, со што во никој случај градот нема да остане неосветлен, се вели во соопштениот од Град Скопје.

Регулаторна почна постапка за одземање на лиценците на двајца снабдувачи У Пауер и Мист Енерџи поради недолично однесување на пазарот со струја. Иако некоклу пати биле предупредени да ги набават навреме потребните количини за своите потрошувачи тие не го сториле тоа, за потоа недостатоците да ги надоместуваат од резервите на МЕПСО кој ги користи во специјални случаи, со што го довеле во опасност целиот енергетски систем.

Инаку доста од снабдувачите на електрична енергија ги раскинуваат договрте со своите клиенти. Поради високата цена на струјата на светските берзи тие не можат да го испочитуваат договореното.   

Во моментов цената е близу 150 евра за мегават час. Од енергетскиот сектор се загрижени за ваквата состојба но се надеваат дека во следниот период цената ќе се стабилизира.