Џет-Сет
20. October 2015 - 10:48

Ќе нема ново продолжение на „Враќање во иднината“

Не постои шанса за снимање на четврто продолжение на филмот „Враќање во иднината“, соопшти Френк Маршал, еден од продуцентите на популарната франшиза.

Во годината кога овој футуристички блокбастер одбележува 30 години од првото прикажување, многу филмофили се надеваа дека ќе биде најавено уште едно продолжение на авантурите на Марти Мекфлај.

Кристофер Лојд, кој во трилогијата го играше др. Емет „Док“ Браун, минатата недела за „Холивуд репротер“ изјави дека со задоволство би ја репризирал улогата, доколку во евентуално ново продолжение на филмот се собере целата актерска екипа, заедно со Мајкл Џи Фокс и режисерот Роберт Земекис.

Фокс (54), кој во сите три остварувања го играше патникот низ времето Марти Мекфлај, веќе со години се бори со Паркинсоновата болест. Кога симптомите се влошија тој се повлече од снимањето филмови и се посвети напорно на пронаоѓање лек. По 2000 години тој се појави во неколку телевизиски серии.

- Мора да бидете многу внимателни кога снимате продолжение, затоа што не можете секогаш да повторувате една иста приказна, изјави Маршал.

- Немам ништо против продолженија, но тие мораат да бидат посебни филмови. Јас сакам да гледам франшизи како што се „Паркот Јура“ или „Борновиот идентитет“, но навистина не верувам дека ќе гледаме уште едно „Враќање во иднината“. Мислам дека со тоа е готово, наведе тој.

Утре љубителите на серијалот ќе го одбележат „Денот на враќање во иднината“, односно датумот во иднината на кој во вториот дел од трилогијата одат Мекфлај и Док.

„Враќање во иднината“ премиерно беше прикажан во САД на 3 јули 1985 година и стана инстант хит со заработувачка од 400 милиони долари.