Македонија
29. September 2019 - 16:46

Ќе има ли предвремени парламентарни избори и кога?

Предвремени избори во март или октомври следната година. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со различен одгвор, дали е време повторно да ја побараат довербата од граѓаните.

Заев смета дека граѓаните треба да ги почувствуваат придобивките од евроатланската интеграција на земјава, а тоа е единствено можно само ако неговата Влада го истера мандатот до крај.

Не се потребни предвремени избори без разлика на јаловите, безаргументирани барања на опозицијата, според мене, да се потрудат да го спречат тоа што веќе се случува и ќе се заокружи во случувањата, а тоа е да се стави ред во правната држава, економијата да ги даде своите резултати, конечно нашата земја да истера еден цел мандат, да заокружи политики, да исполни ветувања политиката спрема граѓаните, да се направи убав пресек, па после тоа да се оди на избори. Навистина како политичка партија и политичка гарнитура донесовме сериозни храбри одлуки, искрено верувајќи дека тие одлуки на крајот на денот значат економски стандард, значат нормална земја. Веруваме дека после политичките големи одлуки се случуваат интеграциите кои што носат економија, кои што носат доверба на институциите, стабилизација на државата од секој можен аспект и на крајот благодет и економски стандард за граѓаните, вели премиерот за Детектор.

Според лидерот на опозицијата март идната година е идеален термин за одржување на предвремени избори. Мицкоски вели дека граѓаните сами треба да проценат дали Македонија навистина блеска.

Мислам дека веднаш после одлуката на Европскиот совет дали Македонија ќе ги почне или нема да ги почне преговорите со ЕУ, а јас се надевам дека ќе ги отпочнеме, можеме да формираме една техничка влада и веднаш потоа таму некаде во март да одржиме едни предвремени парламентарни избори и да провериме дали тоа што опозицијата го говори е така или пак тоа што го говори премиерот дека блескаме е вистината, вели Мицкоски за Детектор.

И политичките аналитичари се согласни дека за предвремени избори не треба да се зборува пред одлуката на Европската унија дали Македонија ќе добие датум за отпочнување на преговрите за членство. Март или октомври се двата термини кои на власта и стојат на располагање, но само откако унијата ќе пресече, дали и кога земјава ќе ги отвори првите поглавја од преговорите.