Бизнис
7. August 2019 - 17:44

Ќе има ли пониски камати и извршителски трошоци, во подготовка законски измени

Министерството за правда ќе ги разгледа предлозите на граѓанските организации за евентуални измени на Законот за извршување. Невладините и синдикални организации подолго време бараат државата да најде начин да ги заштити граѓаните од преголемите камати на извршителските предмети. Нивните предлози не се однесуваат на простување на долговите, туку да се зауздаат, како што велат, неразумните камати и дополнителни трошоци за извршување и присилна наплата. Од Владата посочуваат дека во Министерството за правда веќе е формирана работна група за Законот за облигациони односи.

“По ова прашање Министерството за правда до работната група ќе достави предлози од кои дел ќе бидат разгледувани заедно со предлозите од оценската мисија за евентуални измени на Законот за извршување”, информираат од Владата.

Од граѓанските организации велат дека и покрај законските измени, што го скусија тарифникот за награда за извршување, граѓаните и фирмите чии долгови присилно се наплатуваат, плаќаат нереално високи камати, за неколку пати поголеми од основниот долг.

Нивните барања се долговите да се исплаќаат со минимални камати од околку 2%, по примерот на развиените држави. Бараат проверка и на веќе исплатените предмети на извршител. Предлагаат на физичките лица да им се одзема најмногу 20%, а не како до сега една третина од месечните примања.

Официјалните податоците покажуваат дека регистрирани се 97 извршители, кои за период од 13 години наплатиле околу 1,24 милијарди евра и тоа со реализација на само 35% од вкупните предмети.