Македонија
9. јуни 2019 - 16:05

Ќе има ли политички консензус за нов изборен модел? Партиите спремни да разговараат

Нема да биде лесно да се постигне консензус меѓу власта и опозицијата за измени на изборниот модел.

По вчерашната иницијатива на Претседателот Пендаровски и неколку помали политички партии за намалување на бројот на изборни единици и воведување на отворени изборни листи, клучните играчи на македонската политичка сцена подготвени за дебата но далеку од договор.

За СДСМ ваквата инцијатива е дел од ветувањето дадено во предизборната програма. Сепак, партиски извори ниту неофицијално не сакаат да коментираат каков модел би поддржале од неколкуте понудени опции. Вчера партискиот генерален секретар само кратко одговори дека партијата е подготвена да поддржи измени без при тоа да прецизира какви би биле тие.

И во ВМРО-ДПМНЕ официјално велат дека се подготвени да разговараат, но што ќе прифатат, од партијата велат дека ќе се знае тогаш кога предлогот ќе влезе во собраниска процедура по што партиските тела ќе изградат став.

Неофицијално, расположение за една изборна единица без значителен изборен праг нема. Партиски извори за Сител велат дека по резултатите од претседателските избори власта била свесна дека ќе го загуби следното изборно соочување и според опозицијата, креира ситуација за што е можно поблаг пораз. Според истиот извор, во ВМРО-ДПМНЕ се разгледува опцијата да се предложи мнозински изборен модел во кој секој пратеник практично би се избирал во посебна изборна единица.

Во ДУИ официјално велат дека им е сеедно каков ќе биде изборниот модел, иако партијата пред последните парламентарни избори во 2016 се залагаше наместо 6, Македонија да се подели во три изборни единици .
Промената на изборниот модел е неостварена желба на малите политички партии, бидејќи воведување на една изборна единица без изборен праг би им дал можност сами да излезат на избори и да освојат по некое пратеничко место.

„Големите партии чиј рејтинг секојдневно опаѓа, ја добија два пати својата заслужена лекција. Еднаш на референдумот од 30-ти септември 2018 и последно на претседателските избори. Тие водеа битка за цензус. Се помал ќе биде бројот на избирачи кои ќе бидат мотивирани да гласаат. Затоа горе наведените промени мораат да се спроведат. Најважно, само на тој начин нема да бидеме уценети со крајно неприфатливи предлози кои се случуваат во пресрет на сите избори.“ – стои во соопштението на партијата Глас за Македонија на Солза Грчева во кое се бара една изборна единица, отворени листи и низок изборен праг.

Дебатата за промена на изборниот модел е редовен декор пред секој парламентарен изборен процес. И покрај серијата неуспешни обиди за демонополизирање на изборниот процес, упатени извори за Сител велат дека сега шансите се најголеми.
За да се смени изборниот законик на власта и треба апсолутно мнозинство од 61 пратеник иако пракса е законот за избори да се менува со консензус.