Македонија
2. December 2021 - 16:42

Ќе има ли до крајот на неделата конечен договор Заев - Гаши?

Највисоките партиски тела на Алтернатива и СДСМ до утре треба повторно да ги донесат одлуките дали за нив е прифатливо тоа што досега го договорија премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши за идна соработка во Владата. По тоа, во наредните два дена, треба да се очекува нова, можеби и последна средба на двајцата политилари на која ќе се знаат веќе и идните министри на Алтернатива во владиниот кабинет.

Засега информациите од двете партии се уште се на ниво на шепкулации според кои Алтернатива барала бара вицепремиерско место и две министерски места од неколку ресори: здравство, труд и социјала, земјоделство, култура и информатичко општество и администрација, но и влијателни директорски места. 

Од Алтернатива денеска без официјални информации околу соработката со СДСМ, но со одговор до коалицискиот партнер Алијанса на Албанците која вчера побара партијата на Гаши да се изјасни дали се уште важи заедничкиот договор за соработка. Во соопштение коментираат дека соработката со партијата на Села била достојно реализирана на претходните два изборни циклуси.

„Средбите и поддршката на владејачките партии е прашање кое никого не удостојува, бидејќи за нас Алијансата за Албанците е партија со која утре повторно можеме да имаме соработка и сакаме да оставиме простор и можности за комуникација и соработка. Сепак, и покрај јавниот став на Алијанса за Албанците, ние немаме куршуми за Алијансата за Албанците, туку ќе продолжиме да ги третираме за пријатели и соработници“, коментираат од партијата на Гаши.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште стојат на ставот дека потегот на Гаши е погрешен, а решение се избори што поскоро.

Заев и Гаши досега одржаа три средби почнувајќи од 19 ноември до вчера и освен информации за напрдок во заедничките програмските заложби, досега се уште нема одлука за владин коалициски договор.