Македонија
3. December 2019 - 16:43

Ќе ги отвори ли власта картите за барањата на Париз, експертите се без очекувања за ЕУ интеграциите до април

Време е за рационалност, а не за подгревања на очекувањата во врска со преговорите со Европската Унија, сметаат невладините организации од земјава. Според Институтот за европска политика, македонскиот одговор на францускиот Нон Пејпр е слаб и тивок. Бараат да се отворат картите и да се разгледаат опциите што се нудат во него.

“Ние сметаме дека можеме и треба да бидеме многу погласни и во овој момент е многу значајно да се даваат такви предлози. Знаеме дека овој документ содржи доста елементи кои што можат и понатаму да го одложуваат процесот, што за нас ќе има многу негативни последици.
По октомври никој веќе не се осмелува да биде оптимист. Дури и ние што имавме доза на резерва, сега сме уште повеќе резервирани. Така што е време за рационалност и да не се поткреваат очекувањата, туку напротив, да се стори што е можно повеќе да се исправат можните последици од овие сегашни текови”, вели Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.

Иако се очекува во јануари Комисијата да излезе со предлог за процесот на проширување, од Институтот за европска политика се скептични бидејќи Комисијата само што стапила на должност, а од друга страна не се поставени крајни рокови.
Скептицизмот за роковите го делат и европските експерти.

“Беше многу разочарувачки да се види како Европскиот Совет не успеа да најде компромис и да даде зелено светло на Северна Македонија за да отпочне преговори. На пример во мојата земја, во Холандија, сметаме дека реформата на Европската Унија на една страна и реформата за проширувања од друга страна, се две различни работи за кои треба да се дискутира. Мислам дека ќе има потреба да се дискутира за тоа во месеците што доаѓаат и ќе биде тешко да се постигне консензус пред април”, вели Вотер Цверс, експерт од Клингендел Институт во Холандија.

 “Во врска со Нон Пејперот, сметам дека можеби беше напишан многу набрзина. Јас силно верувам дека граѓанското општество на Балканот има доволна експертиза за да испорача добри предлози, со цел да го подобри овој Нон Пејпер. Исто така, мислам дека државите од Западен Балкан треба дирекно да учествуваат на дебатата за иднината на Европа, бидејќи на крајот од денот, сè ова е поврзано со иднината на Европската Унија”, изјави Себастиен Грикурт, Фондација Жан Журе од Франција.

Експертите за позитивно го земаат тоа што креаторите на европската политика бараат начин како да го подобрат процесот и да се зачекори кон ангажман со регионот. Но, потенцираат дека ЕУ мора да го ревидира процесот пред изборите во април.