Македонија
20. March 2019 - 16:43

Ќе добие ли Брзата помош возила од Министерството за земјоделство целосно опремени за таа намена?

Дали комбињата кои биле мобилни канцеларии во Министерството за земјоделие може да станат возила за Брза Помош? Министерот Филипче вчера ги најави, но денеска објасни дека секторот за опрема допрва ќе прави анализа дали 8-те возила ќе бидат само за транспорт на пациенти или пак со целосна апаратура неопходна за итни случаи.

- Секторот за опрема ќе ги види и ќе одлучат дали можат да послужат и да започне постапка за опремување. Ќе ви кажам кога ќе заврши процедурата колку тоа ќе чини, макар да треба и да се распише тендер, изјави Венко  Филипче, министер за здравство.

Дали опремувањето на едно вакво возило ќе чини повеќе од купување на ново Филипче ќе знае по завршување на анализата. Инаку до крајот на месецот треба да стигнат и новите 12 возила за итна помош за кои Министерството за здравство потрошило 18 милиони а биле планирани 30 милиони денари. Најголем број од нив ќе бидат за скопската служба чиј возен парк е празен а кубури и со кадар.

- Многу од нив се стари со дотраена опрема, вели Филипче.

На 15 000 жители според стандардите треба да има една екипа на брза помош. Во Скопје со сегашниот капацитет покриваат тројно повеќе.

Во меѓувреме, по изборите Филипче најави јавна дебата за можноста од јавно приватно партнерство во Брза Помош. Дотогаш треба да биде готова и физибилити студијата која треба да покаже дали има оправданост од приватизирање на оваа служба.