Македонија
13. July 2018 - 14:14

Кирацовски: Со членството во НАТО се остварува стратешкиот и национален интерес

Почитувани граѓани,
 
Нека ни е честит уште еден голем, значаен, историски успех.
 
Македонија доби покана да стане 30-та земја членка на НАТО Алијансата, да стане рамноправен партнер на демократските и развиени земји.
 
Ова е остварување на нашиот врвен стратешки и национален интерес, поставен уште од осамостојувањето. Се остварува заложбата на сите досегашни влади, на сите досегашни парламентарни состави. Се остварува клучната цел на нашата генерација:
 
Македонија да биде стабилна, безбедна, сигурна и напредна држава, во сојуз со демократскиот свет.
 
Членството во НАТО не носи само загарантирана безбедност и сигурност. Членството во НАТО носи влез на нови и сериозни странски инвестиции, зајакната конкурентност и зголемена доверба во економијата.  Нови работни места, и поквалитетни услови за живот на сите граѓани во Република Македонија.
 
После деценија порази, после години минати во изолација и неизвесност, Македонија денес гордо чекори напред. Стануваме дел од големото евроатланско семејство на кое вредносно и цивилизациски му припаѓаме.
 
Почитувани граѓани,
 
Заедно ги нанижавме овие успеси за Македонија.
 
Отворени ни се вратите што со децении ни беа затворени.
 
Ве повикувам, да не ја испуштиме оваа историска шанса. Патот е овој.
 
Македонскиот идентитет е обезбеден. Како генерација имаме неповторлива можност да донесеме историска одлука со којашто ја обезбедуваме нашата македонска сегашност и нашата македонска иднина.
 
Во изминатите неколку месеци, ја поминавме буквално цела Македонија. Сите градови и села, се сретнавме со многу наши граѓани, поддржувачи, критичари, на плоштадите, пред продавниците, во селата. Граѓаните на Република Македонија во огромно мнозинство даваат силна поддршка на процесите коишто ја носат Македонија напред, и ја интегрираат во НАТО Алијансата и во ЕУ.
 
Референдумот е пред нас. Како што ни личи, гордо и достоинствено да донесеме вистинска одлука.
 
Да кажеме ДА за влез во НАТО!
 
Да за почеток на преговори за членство во ЕУ!
 
Тој референдум е темелот на нашата иднина. Од нас зависи.
 
Со пенкало срушивме режим, со пенкало е потпишана поканата за членство на Македонија во НАТО, со пенкало ќе гласаме ЗА нашата иднина.
 
Кој, ако не ние и кога ако не сега.
 
Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ