Македонија
3. March 2016 - 13:47

Кирацовски: Привремените лиценци на инспекторите да бидат продолжени за една година

Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски бара привремените лиценци на инспекторите да бидат продолжени за една година.

- На неколку месеци пред изборите им бараат на инспекторите положен испит за инспектор најдоцна до 1 јули годинава, а ако не тие ќе ја загубат работата, рече на прес-конференција Кирацовски.

Тој тврди дека ресорното Министерство ги прекршило Законот и роковите и по две години минатиот месец го донело Правилникот за начинот на полагање на инспекторите со што, како што рече, им го скрати рокот за полагање.

- Намерно ги поместија роковите за лиценци за инспекторите за да прават притисоци врз нив и врз граѓаните, рече Кирацовски.

Со барањето да се продолжат привремените лиценци на инспекторите за една година, како што посочи, тие во меѓувреме ќе можат во фер и транспарентна постапка да го полагаат испитот.

Кирацовски потенцираше дека Инспекцискиот совет што одлучува за лиценците на инспекторите е формиран од Владата. Во 2013 година, според Кирацовски, власта со Закон ги условила инспекторите дека можат да останат да ја вршат таа работа само ако се стекнат со лиценци и покрај тоа што се примени на работа според Законот за државни службеници којшто не го предвидува тоа за нивната служба. По ова, потсети, им дадоа времени лиценци со рок до 1 јули 2016 година и рок во три обиди за една година да го положат испитот.

- Но, токму ова Министерство ги прекрши Законот и роковите. Дури по две години, на 8-ми минатиот месец го донесе Правилникот за начинот на полагање на инспекторите со што им го скрати рокот за полагање, рече дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација.