Македонија
6. јуни 2018 - 8:35

Кино на отворено со филмот „Исцелител“

Во организација на Град Скопје и Младинскиот културен центар, вечер во Градскиот парк во Скопје ќе биде организирано „Кино на отворено“ со проекција на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. 

Настанот е прв од дводневната манифестација што се одржува под покровителство на Град Скопје. Во соработка со Македонската филхармонија утревечер во Градскиот парк ќе биде организиран и концерт на џез-музичарот со потекло од Нигерија Феми Кути.

Проекцијата на „Исцелител“ вечер ќе биде од 22 часот зад споменикот на Гоце Делчев, а МКЦ за посетителите ќе постави перници за седење.

Од премиерата во ноември, црната комедија „Исцелител“, кој е дебитантски игран филм на режисерот Ставрески, досега доби девет меѓународни награди, од кои пет за најдобар филм.

- „Исцелител“ е најпродаван филм, а овојпат на граѓаните им овозможуваме да го гледаат бесплатно, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прес-конференција по повод настаните, нагласувајќи дека целта е да ги негуваат вистинските културни вредности и да се врати, како што рече, изгубениот сјај наспроти кичот и невкусот.