Македонија
6. February 2020 - 16:37

Кинеските работници пред враќање во земјава ќе престојуваат во 14-дневен карантин

Кинеските работници што ги градат македонските автопати, пред да се вратат во земјата ќе мора да поминат 14 дена во карантин. Ова го договориле министерот за здравство и амбасадорот на Кина на денешната средба. Дополнително, нивното доаѓање ќе биде пролонгирано како една од превентивните мерки за заштита од смртоносниот корона вирус. Од наредната недела, пак, надлежните ќе одат во проверка на болниците колку се подготвени за справување со заболени од опасната болест - Каде имаат соба за изолација, со колку и какви лекови располагаат и со каков кадар работат.

 -Од наредната недела ќе има и едукација, повеќе за клинички доктори, инфектолози за обновување на знаењето но и новини за корона вирусот. Очекуваме и кај нас да дојде, иако ги преземаме сите мерки за да спречиме негово  импортирање, вели др. Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ.

Институтот за јавно здравје од пред два дена доби и 500 реагенси за откривање на вирусот, но засега во земјата нема ниту еден сомнителен случај. И додека во Македонија две недели се чекаа тестови, во Вухан за истиот период е изградена и втората болница за згрижување и лекување на заболени со корона вирусот. Денеска болеста е потврдена и кај новороденче. Со вирусот се заразени и 19 странски државјани во Кина. Од опасниот вирус досега починаа над 560 лица и повеќе од 28000 се заболени.