Македонија
18. August 2018 - 9:58

Кинескиот оркестар на бамбусови флејти на „Охридско лето“

Во рамки на музичкиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечер во црквата „Света Софија“ ќе настапи Кинескиот оркестар на бамбусови флејти со проектот „Божествениот звук на бамбусовата флејта и Ксиао“.

На програмата се дела на Жанг Веилианг (1957), Античка музика (од династијата Танг), Лиу Мингјуан (1931-1996), Гуо Венжинг (1956), Жанг Веилианг (1957), Цуи Куан (1972), Цуи Куан (1972), Жанг Веилианг (1957).

Основан од еден од интернационално најпознатите професионалци за кинеска традиционална музика, познат свирач на т.н. „бамбусова флејта“ – Жанг Веилианг, Кинескиот оркестар на бамбусови флејти е првиот од ваков вид во светот. Функционира како дел од Кинескиот конзерваториум за музика во Пекинг, кој претставува највисок конзерваториум за традиционални кинески инструменти, а создаден е со цел да се постигне подобар развој на изведувачките способности на бамбусовите флејтисти.

Овој инструмент е одамна познат во кинеската музика. Уште од античко време тој се користел во традиционалната кинеска опера, но и во кинеските оркестри. Покрај промоцијата, како на инструментот, така и на кинеската традиционална музика, оркестарот има голема улога и во збогатувањето на музичката литература за бамбусовата флејта, поттикнувајќи ги композиторите и изведувачите да компонираат музика за потребите на оркестарот. Така, на репертоарот се среќаваат оригинални дела на голем број значајни кинески композитори, а постојано расте и бројот на композитори од другите земји кои компонираат токму за овој инструмент. Повеќето од членовите на оркестарот се млади професори од конзерваториумот, добитници на многубројни награди и признанија.