Свет
8. March 2018 - 9:12

Кинескиот МНР ги повика САД и Северна Кореја што побрзо да преговараат

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска ги повика САД и Северна Кореја да одржат преговори што е можно побрзо, истакнувајќи дека мора да има мир.

Повикот е упатен во услови кога се појасни се знаците за намалување на тензиите околу севернокорејската нуклеарна и ракетна програма.

Стејт департментот вчера соопшти дека САД и Јужна Кореја разгледуваат неделава да одржат состанок во врска со потенцијални преговори за денуклеаризација со Северна Кореја.

Јужна Кореја и Северна Кореја се договорија дека првиот самит по повеќе од една деценија, ќе биде одржан кон крајот на април и оти меѓу двајцата претседатели ќе се воведе т.н. жешка телефонска линија, соопшти претходно Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја.

Северна Кореја стави до знаење дека нема да има потреба да ја задржи својата нуклеарна програма ако нема воени закани против државата и за тоа од Јужна Кореја добила кредибилни безбедносни гаранции, изјави шефот на јужнокорејската делагација Чунг Еуи-јонг.