Свет
27. February 2020 - 13:55

Кинескиот град Шенжен ќе забрани консумација на кучиња и мачки поради новиот коронавирус

Центарот за технологија во Шенжен, јужна Кина, ќе ја забрани консумацијата на кучиња и мачки, додека земјата забранува трговија со диви животни, за кои се претпоставува дека се можен извор на новиот коронавирус.

Градските власти направија попис на месо што може да се јаде – свинско, пилешко говедско и зајачко, како и риба и морски плодови.

– Забраната за консумирање животински свет е вообичаена практика во развиените земји и универзално барање на модерната цивилизација, наведуваат локалните власти.

Научниците се сомневаат дека новиот вирус е пренесен од животно на човек.

Градските власти ги категоризираат кучињата и мачките како миленичиња и ќе ја забранат нивната консумација. Змиите, желките и жабите, исто така, ќе бидат забранети за јадење, иако тие се омилен оброк во делови од јужна Кина.

– Забраната за месо од кучиња и мачки во Шенжен ќе биде исклучително добредојдена, изјави Питер Ли од групата за заштита на животните „Хјуман сосајети интернешнл“.

Тој додаде дека трговијата со животински свет во Шенжен е мала во споредба со остатокот од покраината.

– Шенжен е голем град и е поголем од Вухан, така што ќе биде многу значаен и може да предизвика домино-ефект во другите градови, наведе Ли.

Во предлогот на градските власти се истакнува дека има над 2.000 видови заштитени диви животни во Кина.

Предлогот на Шенжен следуваше по одлуката на централната власт во понеделникот за забрана на тековната трговија и консумација на животински свет.