Бизнис
13. јуни 2016 - 13:40

Кинески компании заинтересирани за изградба на Чебрен и Галиште

Реализираните проекти во областа на енергетиката, како што е изградбата на електраната Козјак, интересот на компании од Кина за изградба и на електраните Чебрен и Галиште и проектите за изградба на автопатската инфраструктура во Македонија, кои се во фаза на реализација беа тема на разговор на денешната работна средба во Скопје меѓу министерот за економија Дритон Кучи и амбасадорот на НР Кина во Македонија, Вен Женшун.

На средбата двајцата соговорници ја исткнаа успешната соработка меѓу двете пријателски држави, а министерот Кучи, информираат од неговиот Кабинет, изрази надеж дека ќе се продлабочи и ја посочи потребата за изградба на патниот правец Скопје-Блаце кој е доста фреквентен и многу важен за трговската размена меѓу Македонија и Косово.

Амбасадорот Вен Женшун ја потврди силната поддршка на НР Кина за Македонија и Министерството за економија.

Кинеската страна напомена дека оваа година треба да се одржи состанок на Мешовитиот Комитет помеѓу Македонија и Кина во Скопје, по тој што се одржа во Пекинг, а министерот Кучи ја истакна подговеноста на македонската страна за реализација на овој состанок.

Кинеската страна упати покана за Министерот Кучи да присуствува на Меѓународниот саем во Шамен во септември годинава.