Свет
7. October 2020 - 10:28

Кинеската вакцина против коронавирус е безбедна, потврди испитувањето

Првата фаза на клинички испитувања на кинеската експериментална вакцина против коронавирус, развиена од Институтот за медицинска биологија при Кинеската академија за медицински науки, ја потврди нејзината безбедност, објави „Ројтерс“.

Првата фаза на клинички испитувања на кинеската експериментална вакцина вклучува 191 волонтер, на возраст меѓу 18 и 59 години.

Не се забележани посериозни несакани ефекти, наведоа авторите на студијата објавена на веб-страницата „medRxiv“.

Најчестите несакани реакции пријавени од волонтери биле лесна болка и благ замор, како и црвенило, чешање и оток на местото на инјектирање.

Вакцината предизвикала имунолошки одговор на волонтерите вклучени во студијата, а авторите на студијата наведуваат дека сите податоци од оваа фаза покажуваат дека вакцината е безбедна и ефикасна и дека треба да се продолжи со понатамошно тестирање.

Стотици илјади итни работници се вакцинирани досега во Кина, како и членови на групи кои се сметаат за високоризични во однос на Ковид-19, иако клиничките испитувања сè уште не се завршени, што предизвика загриженост кај експертите.

Кина во моментов има најмалку четири експериментални вакцини кои се во завршна фаза на клинички испитувања.