Свет
24. November 2017 - 19:04

Кинеската полиција истражува злоставување деца во градинка во Пекинг

Неколкумина воспитувачи од приватна градинка во Пекинг се суспендирани од работа, во рамки на полициската истрага по тврдењата дека деца биле сексуално малтретирани, бодени со игли и добивале апчиња, кои засега не се познати.

Пекингшката полиција соопшти дека спровеле форензички тестови и ги зеле на преглед камерите за надзор од градинката.

До истрагата дојде кога неколку родители на социјалните мрежи објавија дека децата им биле малтретирани и доаѓале дома со чудни убоди по кожата. Тие, исто така изјавија дека на децата после ручек им биле давани по две апчиња, од кои им се приспивало.

Пријава до полицијата поднеле во средата навечер.

Во билингвалната група има 20 деца, со четворица воспитувачи и еден странски учител.

Во соопштение од пекиншката служба за образование се изразува длабока загриженост и се инсистира локалните власти и управата на градинката да соработуваат со полициската истрага.

Градинката беше отворена и вчера, но само неколку деца биле донесени.