Македонија
23. September 2016 - 17:24

„Киненова Скопје“ нов филмски фестивал за дебитанти

„Киненова Скопје“ е нов филмски фестивал што ќе се одржи од 5-ти до 9-ти октомври, со оригинална главна селекција за награди - фокусирана на дебитантски и втори филмови на автори од цел свет. 

Според организаторите, ова е  прв фестивал во Македонија чијашто главна селекција за награди е посветена на дебитантите, а е еден од ретките такви фестивали во Европа и во светот.

На првото издание на Киненова, во Главната селекција за наградите најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, и најдобар филм според публиката ќе се натпреваруваат девет филма, што ќе ги оценува меѓународно жири. Дел од авторите што ќе бидат во конкуренцијата ќе дојдат во Скопје како гости на Киненова.

- Имаме нови авторски гласови, кои не само што имаат да кажат нешто многу релевантно, туку знаат и како да го кажат тоа. Автори кои длабокомислено и со љубопитност ги истражуваат сите аспекти на човечкото постоење. Имаме силна, свежа и жанровски многу разновидна селекција, вели селекторката на Главната селекција Марина Костова, која е една од водечките филмски критичари во Македонија и член на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.

Во паралелните програми Светска панорама и Балкански преглед ќе играат уште 10 филмови. Има и натпреварувачка селекција за кратки филмови со 40-тина дела.

Киненова ќе има и специјален фокус на еден од најистакнатите нови романски автори, Корнелиу Порумбоју. По тој повод на фестивалот ќе бидат прикажани неговиот прв филм „12:08 источно од Букурешт“ и последниот „Богатство“. 

Директорот на Киненова Небојша Јовановиќ, режисер и продуцент, изрази задоволство што многу луѓе, уметници и докажани професионалци од филмскиот свет, но и останати, вели, ја препознале идејата за фестивалот и сесрдно се вложиле и помогнале оваа година.

- Очекувам дека целокупната јавност и публиката ќе ја препознаат свежината што преку темите и естетиката на филмовите Киненова ќе ја донесе во Скопје и Македонија.  Посебно чувство на задоволство имам што на самиот почеток, на своето прво издание овој нов фестивал е  препознаен од огромен број филмски уметници од целиот свет кои веднаш го прифатија како свој простор, за што зборува бројката од повеќе од 4.000 пријавени филмови од 113 земји. Ваквото внимание во меѓународната јавност дава убав поттик и сила за да Киненова започне да ја трасира својата долга патека на опстојување, вели Јовановиќ.

Во рамките на Киненова Скопје ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде американскиот скрипт доктор Џон Стивенс. Ќе има панел дискусии, трибини и мастеркласи.

Кино - проекциите ќе се одвиваат во Кино Култура, Дом на АРМ, Кинотека на Македонија и Кино Кисела Вода. Билетите ќе чинат по 100 денари, со повеќе опции и попусти за блок набавка, а ќе бидат пуштени во продажба веќе во почетокот на наредната недела, најавуваат организаторите на фестивалот.