Свет
3. February 2020 - 22:36

Кина призна: Направивме грешки во контролирањето на коронавирусот

Раководството на кинеската Комунистичка партија призна дека имало пропусти во работата на службите при откривање и контрола на коронавирусот во Вухан.

Политбирото повика на „подобрување на националниот систем на здравствена заштита“ откако, според највисокиот орган во Кина, се покажале „слабостите и тешкотиите при реакцијата на сегашната епидемија“, пренесува БГНЕС.

Самокритиката уследи откако официјален Пекинг ги критикуваше странските земји, особено САД, за предизвикување непотребна паника, стопирање летови кон Кина и наметнување други ограничувања и предупредувања.

Но, во изјавата за грешките, Политбирото забележува дека „треба да се направи повеќе за да се следат пазарите и да се дејствува против нелегалната трговија со диви животни“.

Од Политбирото, исто така, велат дека не треба земјата да се соочува со ситуација на недостиг на хируршки маски и друга заштитна облека, како што е случајот сега.

Локалните власти во провинциите со население од над 300 милиони луѓе, вклучувајќи ја и најнаселената провинција во Кина, Гуангдонг, неодамна им наредија на сите граѓани да носат заштитни маски на јавни места.