Свет
28. December 2017 - 14:39

Кина им возвраќа на амбасадите на Германија и Америка: Немојте да се мешате во нашите внатрешни работи

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги обвини Амбасадите на Германија и на САД во Пекинг за мешање во внатрешните работи на Кина.

Реакцијата на Пекинг уследи откако двете дипломатски претставништва вложија протести поради пресудите на активистот Ву Ган и адвокатот Шје Јангу и обвинија дека тие биле „сериозно малтретирани“ додека се наоѓале во притвор. 

- Амбасадите на двете земји се дипломатски мисии кои немаат право да мешаат во внатрешните реботи и независноста на судството на Кина. Се надеваме дека посочените амбасади јасно ќе ги сфатат своите функции, изјави претставничка на кинеското Министерство.

Според неа, барањата на амбасадите на Германија и на САД за ослобидување од затвор на активистот Ву и за враќање на работната дозвола на адвокатот Шје, се неодговорни.

Ву во вторникот беше осуден на казна затвор од осум години под обвинение за „субверзија“, поради неговите коментари на интернет, со кои, како што оцени Судот, се „напаѓа државната власт“.

Од друга страна на Шје само му беше одземена дозволата за работа како адвокат, но не му беше одредена затворска казна, откако се произнесе како виновен по обвиненијата за „субверзија“.