Свет
17. јуни 2021 - 9:52

Кина го лансира вселенското летало „Шенжу-12“ со тричлен екипаж

Кина рано утринава успешно го лансираше вселенско летало „Шенжу-12“ кон својата вселенска станица во изградба, јавија кинеските медиуми.

Вселенското летало носи тројца астронаути до дел од вселенската станица што се уште е во изградба, и тоа ќе биде најдолгиот престој на кој било кинески граѓанин во орбитата на Земјата.

Ракетата „Долг март 2Ф“ што го носи Шенжу-12 (Божествен брод) се упати кон модулот на вселенска станица Тианхе од Центарот за лансирање Ликуан, во северозападна провинција Гансу.

„Шенжу-12“ е трета од 11-те предвидени мисии, од кои четири ќе бидат со екипаж, потребни за завршување на првата кинеска вселенска станица, чија изградба почна во април со лансирање на Тианхе, првиот и најголемиот од трите модули.

Астронаутите Неи Хаишенг (56), Лиу Боминг (54) и Танг Хонгбо (45) треба да работат и да останат три месеци во модулот Тианхе, што изгледа како цилиндар малку поголем од градскиот автобус.