Балкан
16. May 2018 - 21:46

КФОР ја уништи експлозивната направа во дворот на болницата во Пеќ

Единиците за деминирање на меѓународните Сили на Косово (КФОР) успеаја со контролирана експлозија да ја уништат експлозивната направа што беше откриена во дворот на Општата болница во Пеќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја потвдри портпаролот на косовската полиција за регионот на Пеќ, Џеват Ибрај, додавајќи дека се уште не може официјално да потврди, но дека најверојатно се работело за експлозив кој се користи за геодетски потреби.

По уништувањето на направата, која беше пронајдена во кеса во дворот на болницата, болнички извори информираа дека персоналот и евакуираните пациенти се вратиле во објектот и продолжила редовната работа.

- По четири часа нормализирана е состојбата во Општата болница во Пеќ, откако професионални екипи извршија контролирана експлозија и ги отстранија сомневањата за направата во дворот на болницата. По оваа ситуација, во пеќката болница бргу се презедоа дејствија за пациентите да се вратат во собите од кои беа евакуирани, додека пристапот до болницата и дежурните служби се одвиваат нормално, се вели во полициското соопштение.