Свет
27. јуни 2016 - 17:22

Кери: Ќе ги задржиме специјалните односи со Велика Британија, а интерес на САД е силна ЕУ

Американскиот државен секретар, Џон Кери, денеска во Брисел оствари заедничка средба со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со Високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, а по повод референдумот за излез на Обединетото Кралство од Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел.

По оваа средба, на заедничка прес-конференција со Могерини, Кери порача дека САД ќе ги задржат специјалните односи со Велика Британија, но и дека интерес на неговата држава е да има силна Европска унија.

- Денеска имав можност да слушнам од Могерини и од Јункер за тоа како гледаат на почеток на овој транзициски период и рефлексијата од потребата да се почитува гласот на луѓето остварен во демократски процес во Велика Британија. Тоа што беше изгласано во Обединетото Кралство не е исход на кој јас и американскиот претседател Барак Обама се надевавме, но тоа е демократијата и го почитуваме гласот на народот. Сега треба лидерите да ја имплементираат волјата на луѓето на одговорен, сензитивен и стратешки начин. Мислам дека е важно да се знае дека по Втората светска војна, ние сите заедно работиме на развој на структурата што земјата ќе може да ја направи силна и да може да испорача добар живот и добивка на нашиот народ, порача Кери.

Според државниот секретар на САД, интересот и вредностите што долго време ги обединија земјите на ЕУ не се променија на денот на гласањето во Велика Британија, но тој порача дека интересот и вредностите што ги споија ЕУ и САД за заедничко добро се исти и по британскиот референдум, како и претходно.

Според Џон Кери, важно е сите да останат фокусирани на тие интереси и на тие вредности.

Американскиот секретар за надворешни работи додаде дека сега е критично во следните денови за да се разбере важноста од силна ЕУ и САД што ќе се грижат за силна ЕУ.

- Зошто? Затоа што нема само едно прашање на кое денеска работиме. Климатски промени или контра-тероризам, миграција, работиме заедно и преку силата на овие земји да останеме заедно, за да можеме да правиме работите добро да се одвиваат. Есенцијално е да останеме фокусирани за во овој транзициски период никој да не загуби глава, да нема одмазди или слично, да најдеме начин да ја задржиме силата за заедничкиот интерес и вредности. Тоа е важно, додаде Кери.

Американскиот државен секретар посочи дека во исто време, САД ќе останат во специјални и силни односи со Велика Британија, бидејќи Обединетото Кралство е една од петте партнерски држави на САД и има специјални односи со САД.

Тој посочи дека попладнево од Брисел заминува за Лондон каде ќе разговара директно со неговиот колега министерот за надворешни работи на Велика Британија, Фил Хамонд и со премиерот Дејвид Камерон.

- Моја и намера на американскиот претседател Обама е да бидеме посветени на ЕУ и на специјалните односи со Велика Британија за се што можеме овој транзициски период да биде сензибилен, но лесен. Има предизвици, ќе има влијание и консеквенци, но има начини за да се направи пат за иднината, што ќе ја засили ЕУ, и ќе им служи на интересите и вредностите што не држат заедно. Има политичка одлука на една земја, но тоа не го урива основниот интерес, заврши Џон Кери.

Високата претставничка за недоврешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, пак, посочи дека ова се тешки времиња за сите, најпрво за Британците, но и за останатите жители на Европската унија со цел партнерството да остане силно и круцијално, не само за доброто на луѓето, туку и за мир во светот. Таа посочи дека со Јункер и Кери дискутирале за ситуацијата и начинот како да се оди напред и да продолжи заедничката соработка.

Могерини најави дека со својот американски колега ќе се сретне и на Самитот на НАТО во Вершава идниот месец, но и дека Кери ќе биде гостин и на Советот за надворешни работи на ЕУ, што на 18 јули ќе се одржи во Брисел.

- Тоа е однапред планирано, да работиме блиску. Дискутиравме заедно со Јункер за ситуацијата по резултатот со референдумот во Велика Британија, а попладнево ќе имаме и Колеџ на комесари, додека утре и задутре се одржува Самит на Европскиот совет. Со Камерон и лидерите на останатите 27 земји-членки на Унијата ќе дискутираме како да се продолжи. Важно да ги задржиме американскита пријатели целосно информирани за процедурите, консеквенците, за тоа каде сме и каде одиме, за овој момент да го надминеме заедно како што тоа го прават пријателите. ЕУ ќе биде посилна во иднина, истакна Федерика Могерини.