Свет
25. February 2016 - 8:39

Кери: Ако не успее дипломатијата, потребен е план Б за Сирија

Американската администрација е подготвена да преземе акции за реализација на сегашниот план за дипломатско уредување на сирискиот конфликт, но не исклучува поделба на таа арапска држава ако мировните напори не успеат, изјави американскиот државен секретар Џон Кери.

Тој имаше говор пред комисиите за буџетски прашања на двата дома на Конгресот.

Според Кери, претседателот Обама длабоко сака да бидат употребени сите дипломатски обиди пред да помисли каков план Б може да спроведе ако има потреба за тоа.

– Не можам да гарантирам дека прекинот на огнот ќе успее. Но, тоа е единствениот пат да се премине кон иднината и кон можноста за политички премин за нова власт во Дамаск. И тој (Асад) и Иран и Русија се потпишаа на идејата за таков политички премин, нагласи Кери.

Тој одново изрази став дека ако Асад остане на власт во Сирија, војната може да не биде запрена. Кери нагласи дека во следните недели и месеци Москва и Техеран ќе демонстрираат акции за поддршка на вистински процес на премин во Сирија.