Бизнис
27. July 2019 - 14:46

„Кепс монт груп“ од Општина Велес бара добивање Б интегрирана еколошка дозвола за да почне со ископ и транспорт на суровини од Црниот рид на некогашната Топилница

Компанијата „Кепс монт груп“ ДОО Скопје веќе има добиено дозвола за експлоатација на минералната суровина од депонијата на Топилницата, а на 16 јули до Општина Велес поднела и барање за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола.

Како што појасни градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, тоа  е последна фаза од постапката за почнување на активностите на терен, односно на ископ и транспорт на минерални суровини од велешката Топилница до Солунското пристаниште, а оттаму до Малезија.

Тој потенцира дека ќе се постапува внимателно поради големата количина материјал, што треба да се исцрпи и транспортира со камиони по велешките улици, посебно поради 24-часовните активности кои ќе се спроведуваат во наредните 48 месеци, влијанијата што може да ги предизвикаат врз животната средина и транспортот од тешки метали по улиците на градот, на патот кон Солун.

Информира дека општинските служби настојуваат тоа да го завршат во најкраток можен рок, но истовремено законот утврдува рокови за известување и учество на јавноста кои мора да се почитуваат.

– Здравјето на велешани останува наш врвен приоритет и затоа постапуваме многу внимателно, а во постапката барањето на компанијата ќе го објавиме јавно, појасни Коцевски.

Воедно ги покани граѓаните на Велес уште веднаш да се вклучат во јавната расправа за експлоатација на суровината од поранешната Топилница. Станува збор за експлоатација на минерална суровина  од  таканаречениот Црн рид од згура со тешки метали настаната како последица од 30-годишното работење на велешка Топилница.

Црниот рид со згура според анализите на стручњаците, кои изработија и студија за него, е тежок 1,7 милиони тони и зафаќа простор од 33 илјади кубни метри, а содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други метали: кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум…

Црниот рид е една од постоечките таканаречени „жешки црни точки“ во земјава кои ја загрозуваат животната средина. Покрај 16-годишното неработење на велешка Топилница и понатаму со секој ветар од него кон градот се разнесува прашината со токсични метали и се уште го загрозува здравјето на велешани. Со експолатација и транспорт од градот, неговото отстранување ќе значи и конечно решавање на долгогодишниот еколошки горлив проблем на граѓаните на Велес.