Македонија
12. July 2019 - 12:39

Кејт Мери Бeрнс: САД ќе се заложи за изградба на посилни институции и борба против корупција во Македонија

Со желба што поскоро да не види како 30. членка на НАТО, новата американска амбасадорка Кејт Бернс денеска на церемонијата во Вила Водно му ги предаде акредитивните писма на шефот на државата Стево Пендаровски.

-Со нетрпение очекувам до крајот на годината да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30. членка на НАТО, му порача таа на Пендаровски.

Изрази задоволство што својот мандат го почнува во овој клучен период за односите меѓу двете земји.

-Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко, му рече Бернс на Пендаровски.

Нагласи дека во очекување на влезот на земјата во НАТО, продолжува работата врз основа на веќе изградени цврсти темели на традиција и партнерство.

-Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредување на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности, демократијата, индивидуалната слобоа и владеењето на правото, рече Бернс.

Таа напомена дека двете земји се посилни поради нивната ваземна соработка. – Нашите војници служат рамо до рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Нашите бизнис лидери работат заедно за да создадат работни места и да ги развијат нашите економии. Нашите професори и студенти соработуваат на иновативни истражувања, а нашите уметници разменуваат идеи и инспирација, додаде таа.

Се обврза дека за време на нејзиниот мандат ќе промовира стабилност преку силни институции и дека ќе ги поддржува напорите на властите во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, ќе ја унапредува помошта и партнерството преку приватниот сектор и ќе работи на зацврстување на безбедноста преку партнерството од одбраната.

Пендаровски, посакувајќи и добредојде на новата американска амбасадорка и успешност во нејзината мисија напомена дека дипломатските односи меѓу двете земји успешно се развиваат повеќе од две децении.

Нагласи дека одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи следната година треба да даде дополнителен импулс за натамошно негување и зајакнување на стратегиското партнерство и политичкиот дијалог, како и за продлабочување на соработката во сите останати области.

Пендаровски изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што САД и ја дават на Северна Македонија од самиот почетокот на нејзината независност.

-Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени, истакна шефот на државата.

Нагласи дека двете земји се поврзани со заедничките заложби и решителност за чување на мирот, зајакнување на демократијата и почитувањето на човековите права.

-Стоиме заедно со САД и во борбата против тероризмот. Одлучни сме да продолжиме да дејствуваме во насока на натамошно промовирање на универзалните вредности што ги споделуваме, додаде тој.

 Пендаровски смета на натамошната поддршка на САД во периодот на наскоро завршување на процесот на ратификација на Пристапниот протокол.

–Имајќи го предвид Вашето досегашно дипломатско искуство, уверен сум дека значително ќе придонесете за уште подинамичен развој на нашите меѓусебни односи во што, ве уверувам, ќе ја уживате нашата целосна поддршка, помош и соработка, додаде тој.

Истакна дека се надева оти во текот на нејзиниот мандат ќе се продлабочи соработката со изнаоѓање нови форми за содржинско збогатување на билатералната соработка, вклучително и преку интензивирање на економските односи и зголемувањето на американските инвестиции. -Отворени сме за соработка и во сите останати домени – културата, образованието, науката и технологијата, додаде Пендаровски.