Балкан
13. March 2019 - 20:31

Казни за сексизам на Балканот

Многу сексистички изјави на Балканот остануваат без последици, но некои за јавно изговорен збор платиле парична казна, некои со затвор или со оставка од функцијата.

Поранешниот градоначалник на Копер во Словенија, Борис Поповиќ е осуден на затворска казна во траење од шест месеци, условно на две години, поради сексистички изјави против новинарката Еугенија Карл.

Поповиќ, кој од 2002 до 2018 година раководеше со петтиот по големина словенечки град, а беше и претседателски кандидат во 2017 година, ги коментирал градите на репортерката на РТВ Словенија.

Судот во Копер му изрече на Поповиќ условна затворска казна во граѓанска постапка, додека Окружниот суд во Љубљана, каде Карл поднесе кривична пријава, го казни со 3.500 евра.

Новинарката пред судот истакнала дека поради изјавата на Поповиќ имала психички проблеми и силни болки во грбот, за кои судските вештаци потврдиле во исказот дека би можеле да бидат од психосоматско потекло.

Таа нагласила и дека политичарот и рекол оти воопшто не личи на американската актерка Памела Андерсон.

По пресудата, Еугенија Карл изјавила дека „судот го штител уставното право на човечкото достоинство, како и личниот и професионален интегритет“.

Новинарката Карл, заедно со уредничката на РТВ Словенија, Мојца Пашек Шетинц, исто така, го тужеше и лидерот на демократите Јанез Јанша поради навредлива изјава.

Поранешниот словенечки премиер во 2016 година на Твитер ги нарече Карл и Шетинц „испрани проститутки“, чии „евтини услуги“ биле понудени на „Фејсбук страницата на јавна куќа“.

Позната е и изјавата на поранешниот српски министер за одбрана Братислав Гашиќ во 2015 година, а неговата казна беше заминување од министерската функција.

– Колку ги сакам ваквите новинарки кои лесно клекнуваат, изјави Гашиќ при посета на фабрика каде новинари и новинарки го чекале министерот за изјава. Репортерката на Б92 Златија Лабовиќ клекнала за да не биде во кадар додека зборува Гашиќ.

Сексистичката изјава Гашиќ ја даде во декември 2015 година, а сменет е од функцијата еден и пол месец подоцна. Сепак, во мај 2017 година тој е именуван за директор на Безбедносно информативната агенција (БИА).

Еден од ретките хрватски политичари, кој морал да плати казна за сексизам од околу 1.300 евра, е поранешниот хрватски пратеник Денеш Шоја, бидејќи на новинарката Кристина Кријак во еден текст и се обратил со „госпоѓица главна уредничка“, алудирајќи на тоа дека е немажена.

Тој во 2013 година додека бил во Парламентот им предложил на медиумите во Хрватска дека „од време на време треба да ги потсетуваат сите оние кои се приближуваат кон 40-годишна возраст, а кои се уште не одлучиле да раѓаат деца, дека полека им отчукува биолошкиот часовник“.

Хрватските новинари во јануари ги бојкотираа јавните настапи на градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ поради неговите претходни сексистички изјави, како на пример дека доколку тој би бил жена „би бил најдобра жена бидејќи на сите им дава“ или пораката дека една новинарка не би ја пријавил, туку „би и направил нешто друго“.

Писателот и косопственик на „Бајбук“ во БиХ, Горан Самарџиќ во 2018 година поднесе оставка од сите функции во издавачката куќа откако јавноста реагираше на неговата сексистичка изјава упатена кон новинарката Јелена Калиниќ, „нудејќи и го својот генетски материјал во филџан“.