Македонија
19. March 2020 - 8:48

Казни за несовесните, апели да не се патува и да се остане дома

Властите апелирааат сите граѓани да се придржуваат до мерките за превенција од ширење на коронавирусот, да не се патува без особена потреба и да се остане дома. За секој што не ги почитува препораките, ќе има сериозни санкции.

Првиот позитивен случај во нашата држава беше регистриран на 26 февруари, а за поефикасно справување со коронавирусот на територијата на државата вчера беше прогласена вонредна состојба.

Бројот на потврдени случаи на заболени со коронавирус изнесува 42, откако вчера беа регистрирани 11 нови случаи. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија.

Министерот за здравство Венко Филипче  посочи дека здравствениот систем и целокупниот медицински персонал веќе подолго време работат како во вонредни услови. Тој уште еднаш упати апел и ги повика сите да се придржуваат до мерките за превенција, да не се излегува без потреба, да се држи дистанца и често да се мијат рацете.

Информираше дека има доволна количина на тестови и најави дека се подготвува и масовен скрининг во одредени делови од земјата со цел рано откривање на лица кои немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некој од заболените.

– Тоа е многу битно за да се откријат што порано случаите за да не го оптоварат здравствениот систем и тоа понатаму да предизвика проблеми и компликации во лекувањето и неможност да се справуваме со овој проблем, изјави вчера Филипче на прес-конференција.

Во услови на вонредна состојба, техничкиот премиер Оливер Спасовски најави интензивни контроли за да се заштити здравјето на граѓаните.

– Полицијата и инспекциските служби ќе бидат максимално ангажирани. За секој што не ги почитува препораките и потпишаните изјави за самоизолација, ќе има сериозни санкции, не само парични, туку и затворски, рече  Спасовски вчера попладне.

Повеќе несовесни граѓани од Куманово, Кавадарци, Струмица, Валандово, Кичево и Гостивар ќе добијат казни за непочитување на определените мерки за задолжителна самоизолација со цел сузбивање и спречување на ширење на Ковид 19.

Тие се соочуваат со парични казни во висина од 50 до 100 дневни глоби. Лицата при влез во земјава од некоја од земјите кои се на ризична листа потпишале изјава за самоизолација, но при проверка од полициски службеници не биле затекнати во своите домови.

МНР ги повика сите наши државјани кои се затекнати во странство да се пријават во најблиското дипломатско претставништво за помош за враќање назад. Истовремено, се прави и список на сите наши граѓани кои се затечени на граничните премини, а организирано или поединечно се упатуваат и враќаат назад,.

Наспроти сите апели за избегнување на непотребно патување од државата преку граничниот премин Табановце вчера до 14 часот излегле 79 граѓани, по што Владата донесе мерка со која секое лице кое ги напушта нашите граници задолжително ќе треба да потпише лична изјава со која ќе се обврзе дека во наредните три месеци нема да се врати назад.

Општините во континуитет на дневно ниво вршат дезинфекција на јавните површини под нивна надлежност, а во поголемиот дел од нив активни се и мобилни тимови за помош на ризични категории на граѓани.

При вонредни услови продолжуваат да работат маркетите за храна, аптеките, транспортот и банкарскиот сектор, додека културните и образовни институции изнајдоа повеќе креативни решенија за пополнување на времето на граѓаните преку онлајн курсеви, обуки и претстави.