Македонија
25. January 2021 - 10:51

Казни од 2.000 евра за осуммина кои правеле домашна забава

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против осум лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Обвинетите, на возраст од 18 до 22 години, на 8 јануари биле затекнати на приватна забава на улицата „Васил Ѓоргов“, во домот на една од обвинетите. Во домот имало и седуммина малолетници, за кои ќе се спроведе постапка согласно Законот за правда на децата, велат од обвинителството.

Со ова, обвинетите постапиле спротивно на прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на ширењето на опасна заразна болест, а кои се однесуваат на забрана за одржување на прослави на отворен и затворен простор во периодот од 18.12.2020 до 21.01.2021 година.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за обвинетите полнолетни лица да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра.

 

Зоран Јаневски