Македонија
22. May 2019 - 16:28

Казни и за здраствените работници кои нема да се вакцинираат против морбили

На директорот на струшката болница му се заканува казна ако не постапил по наредбата на Министерството за здравство за вакцинација на вработениот медицински персонал, откако вчера го затворија хируршкото одделение по заболувањето на здравствени работници од морбили. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат чекаат известување дали лекари и сестри од болницата одбивале вакцинирање.

-Известени сме за одлуката да го затворат одделението и тоа е исправна одлука. Има заболени 7 лица од хирургија и 7 од анестезија. Законот е јасен ако не се постапува по него, но да видиме дали одбивале да бидат вакцинирани. Таму веќе е во тек процесот на имунизација на здравствени работници, вели Ирина Бухова, директор на ДСЗИ.

Од Инспекторатот велат дека засега нема најави дека и во други здравствени установи може да се повтори струшкиот случај. Во меѓувреме, во болницата во Струга работи само амбулантата на хирургија а пациентите ги препраќаат во Охрид.

-Примаме ако е итен случај и потоа ги препраќаме. Ќе биде затворено до 28ми, така одлучи Комисијата. Имавме 2 медицински сестри со потешка клиничка слика, но сега се на домашѓно лекување, вели др. Владимир Кочоски, началник на одделение за хирургија во болница во Струга.

Иако има клуч на цело хируршко оддделение, заменик министерот за здравство вели дека нема простор за паника.

-Треба да се евакцинираме, сите, почнувајќи од здравствени работници, до сите останати, тоа е решение за епидемијата за заврши, вели Асим Муса, заменик министер за здравство.

Од почетокот на епидемијата досега, од морбили заболеле над 200 здравствени работници. Први на удар на заразата беа вработените на Клиниката за детски болести.