Бизнис
28. May 2020 - 16:39

Кавга на власта и опозицијата за еврообврзницата од 700 милиони евра

Владата скапо се задолжи, а тие пари нема да завршат кај стопанството. Ден по издавањето на еврообврзницата, од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека ако Владата ги послушала нивните апели за позајмување пред два месеци, цената ќе била поповолна. 

Вчера државата ја издаде седмата по ред еврообврзница во износ од 700 милиони евра по камата од 3,675% и со рок на отплата од 6 години. 

Ова за опозицијата значи доплнитлени 166 милиони евра за камата. 

„Цената за ненавремените и неправилни одлуки во економијата за време на криза, ќе ја плаќа секое семејство и тоа 1.500 евра до крајот на оваа година. Дополнително во следните неколку години, граѓаните и нивните поколенија ќе плаќаат и камата на тие пари. За апсурдот да биде поголем, за задолжување од 1.500 евра по семејство за само една година, Владата најави ваучер од 150 евра за еднократна употреба за најранливите категории на граѓани. Растечкото задолжување, до крајот на годината ќе изнесува 1 милијарда и 50 милиони евра. Со тоа јавниот долг, како дел од БДП за една година ќе порасне на 7%, вели Анастасија Илиеска од ВМРО ДПМНЕ.

Од Министертсвто за финансии пак, синоќа инофрмираа дека каматата по која е издадена еврообврзницата е втора најниска досега. Интересот на инвеститорите бил 5 пати поголем од понудата што е доказ дека постои доверба во земјава заради макроекономската и финансиската стабилност. 

Од почетокот на корона кризата досега земјава обезбеди пари од ММФ во износ од 176 милиони евра, Светска банка 140 милиони и во завршна фаза се преговорите за 160 милиони евра од ЕУ. Заедно со 700 –те милиони од еврообврзницата, вкупно се обезбедени 1 176 со кои се затвора финансиската конструкција за годинава, соопшти МФ.