Македонија
11. October 2019 - 10:44

Кавадаречките бегови со поткуп им го одзеле панаѓурот на возарчани

Над шестотини трговци годинава ги изложија своите производи на тридневниот кавадаречки панаѓур, стопанско-културна и туристичка манифестација во градот на грозјето и виното, со долга традиција. За историјата на панаѓурското живеење во Кавадарци, МИА поразговара со Мики Камчевски, професор по историја. 

​Тој ни кажа дека еден од најголемите и најпосетените панаѓури во Кавадаречко во минатото бил панаѓурот во селото Возарци, кој се организирал сретсело и се простирал сè до почетокот на Дреновската Клисура. Панаѓурот бил масовно посетуван, како од жителите на рамничарските така и од жителите на планинските села во овој крај. 

– Од панаѓурот возаречките бегови собирале многу голема такса т.н. панаѓурина, која предизвикала голема завист кај богатите кавадаречки бегови. Тие, со помош на поткуп и различни марифетлаци и влијанија врз солунскиот валија, успеале да им се одземе дозволата за организирање на панаѓурот и од 1890 година започнал да се организира во Кавадарци. Така во Кавадарци, почнувајќи од 1890 година, покрај неделните пазари (среда и петок), за кавадаречкото стопанство од мошне големо значење било одржувањето на кавадаречкиот панаѓур, кој започнувал за Ѓурѓовден и траел три дена, нагласи Камчевски. 

Панаѓурот во Кавадарци во минатото се одржувал на рамнината на левата страна на реката Луда Мара, под средното маало. Живата стока, која исто така ја имало во доста голем број, била изнесувана на панаѓурот и се продавала по долината на реката сè до селото Ваташа. 

На кавадаречкиот панаѓур доаѓале многу посетители да купат или да продадат дел од своите производи. За време на одржувањето на панаѓурот се вршела голема пазарна размена. 

​– Во времето кога во градот управувал кајмакамот на градот, само на име дувалија, која изнесувала 1 грош за еден товар стока што влегувала во градот, од панаѓурска такса се собирале по околу 300 – 400 турски лири. Во дваесеттите години од 20 век од таксите за панаѓурот градските власти собирале помеѓу 170.000 и 250.000 динари. Една од атракциите на панаѓурот биле и пеливанските борби, кои редовно се одржувале на панаѓурот, а најпознати пеливани од овој крај биле Зарко Димов од Ваташа, Лазо Бакев и Вано Милков од Кавадарци, Костадин Трајков од Глишиќ, а од турските пеливани кои останале запаметени во овој крај биле Алија Џаферов од Кавадарци, Миџо Смао од Сопот и Мефаил Исмаилов од Глишиќ, рече Камчевски. 

Традицијата на одржување на панаѓурот во Кавадарци трае и денес. До пред неколку години во градот се одржуваа два панаѓура, пролетен или ѓурѓовденски и есенски, кој се одржува во средината на октомври. Денес во Кавадарци остана уште есенскиот панаѓур, кој трае три дена и на кој луѓето од градот и околните места имаат можност да се снабдат и со стока, која во вообичаените пазарни денови не може да се најде во градот.  

Пролетниот панаѓур се укина поради незадоволството на дуќанџии од градот, кои реагираа на нелојална конкуренција. Есенскиот остана, бидејќи општинско анкетирање покажа дека 76 отсто од учесниците во анкетата се изјасниле дека се за продолжување на оваа традиција. 

Историчарот Петре Камчевски редовно објавува интересни фотографии што сведочат за животот во Кавадарци низ историјата. На нив и многу докази за богатата занаетчиска дејност што ги хранела панаѓурите низ годините, како на пример казанџиството, без кое не можел да се замисли животот во овој лозаровинарски крај, во кој печењето ракија е традиција. Во циклусот „Кавадарци низ стари фотографии” меѓу другите е и таа од 1958 година, на која е леблебиџијата Живко Пеливанов, за кој Камчевски вели дека бил атракција, бидејќи знаел да ги привлече муштериите со својот продорен глас, но и со досетките. Тиквешкото вино е слатко со кикиритки, така ги довикувал. На една од сликите од 1959 година е овековечен и лимарот Ристо Шандаров, кој продавал сита, решета, корита, вадалки и друго. На фотографија од 1950 година бил фотографиран опинчарот Глигор Ресавски. Опинчарството им бил фамилијарен занает со кој се занимавале и Ристо, Круме и Илија Ресавски, но и нивните жени. 

Бројни спомени ги врзуваат кавадарчани за панаѓурите. Многумина се сеќаваат на играта „чичино”, која ја играле токму за време на панаѓурските денови. Се работи за игра на среќа, во која тој што е среќен, добива пари. 

– Пари не добивме, но добивме многу убави моменти и спомени што и денес, по толку многу години, ни ја топлат душата и ни мамат насмевки, коментираат повозрасни кавадарчани за МИА. 

Светлана Дарудова