Македонија
27. October 2018 - 14:55

Катругалос: Немам никаков сомнеж дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент

До март следната година, доколку, како што се чини се заврши со процесот на уставна ревизија, Договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент и немам никаков сомнеж дека ќе биде ратификуван, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за грчкиот весник „Реал њуз“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој го коментира и гласањето во македонското Собрание и одлуката донесена со двотретинско мнозинство за почеток на уставни промени.

-Тоа е многу позитивна разврска што покажува дека Договорот од Преспа го задржува својот моментум. За нашите два народа, тоа значи крај на горчливиот спор, кој можеше позитивно да заврши уште во 90-тите години. Но исто така е и важен чекор за мирот и стабилноста во регионот кој секогаш бил буре барут во Европа. До март 2019 година, доколку, како што се чини, заврши процесот на ревизија во Скопје, договорот ќе дојде за ратификација во Парламентот. Немам никаков сомнеж за тоа дека ќе се изгласа, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.

Јоргос Катругалос го споменува и почетокот на авионската линија на грчката компанија „Aegean Airlines“ за директно поврзување на Атина и Скопје, како можност за продлабочување на контактите меѓу двата народа и зголемување на соработката во повеќе области.

-Тоа е особено позитивен развој на настаните, што значително ќе придонесе во зголемување на контактите меѓу нашите народи, но и во промовирањето на нашата соработка во областа на туризмот, трговијата и бизнисот. Индикативно е колку се доближија нашите народи во последниве години, градејќи доверба и меѓусебно разбирање, истакнува Катругалос во интервјуто за грчкиот весник.

Како што објави МИА пред еден месец, грчката авио компанија „Aegean Airlines“ на 1 ноември официјално стартува со директни летови Атина – Скопје, два пати седмично, по пауза од над 10 години.