Македонија
9. April 2019 - 16:28

Католичката црква во земјава благодарна што вестите за Папата ќе се читаат и на македонски јазик

Вестите за активностите на папата, католичката црква воопшто, но и локалната црква во Македонија на официјалниот портал на Ватикан  може да се прочитаат и на македонски јазик.  Македонскиот,  веќе е еден 34 - те јазици на кои Ватикан Њуз продуцира вести. Од католичката црква велат ова е големо признание за нив и за  активниот верски и духовен живот во државата. Според нив,  ваквата одлука на Ватикан не е случајна и е дел од подготовките кои се прават пред посетата на папата во нашата држава.

,, Ова е еден знак за големата и жива активност на католичката црква во Македонија и еден вид признание за тој верски и духовен живот што го има овде во католичката црква во Македонија. Веќе во пресрет на посетата на папата пожелно е овие вести кои ќе се случуваат и овие настани во Македонија при посетата на Светиот отец да бидат презентирани од прва рака и на македонски јазик на глобалниот портал Ватикан Њуз.,, вели ОТЕЦ ГОЦЕ КОСТОВ

Во меѓувреме интензивно  течат  и духовните,  но и организацските подготовки за претстојната посета на папата во Скопје. Од католичката црква велат интересот  за присуство на настанот е голем, а неколку илјади граѓани веќе побарале резервација на бесплатните влезници кои ќе бидат потребни за следење на настанот. Според најавите верници ќе пристигнат и од соседните драви.

,, Веќе има најави за посета од соседните државина Македонија, но исто така и од Хрватска и од други места.,, вели ОТЕЦ КОСТОВ

Посетата на Македонија од страна на папата Фрањо е закажана за 7 мај. А според најавите покрај верниците од католичка вероисповед интерес за присуство на овој голем настан пројавиле и голем број граѓани од другите верски заедници во државата.