Македонија
1. јуни 2018 - 12:19

Катимерини: Северна Македонија можно решение

Република Северна Македонија се издвојува како најсериозен предлог за решение на спорот за името, пишува грчкиот весник Катимерини во текстот објавен на своето електронско издание утрово.
Според Катимерини, во игра се уште две имиња од пакетот на Нимиц, но двете страни најблиску до договор се околу терминот северна Македонија. Конечна одлука ќе падне по телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас за кој Катимерини вели дека ќе се случи многу скоро.

Заменик министерот за надворешни работи во Владата на Ципрас утрово во интервју за грчката телевизија Скај вели дека доколку во Скопје има подготвеност да се прифатат грчките услови, тогаш договор може да има, изразувајќи надеж дека тој ќе биде прифатен од мнозинството во Собранието и општеството.

Договорот треба да биде заемно прифатен, тоа е значењето на договорот, дека е прифатен од двете страни. Сметам дека договорот што ќе дојде, ќе ги има карактеристиките што ги постави нашата земја. Сложено име, ерга омнес, уставна ревизија
Еден договор со овие карактеристики е во национален интерес и верувам дека ќе биде поддржан од мнозинството и во парламентот и во општеството, бидејќи не само што го решава прашањето на таков начин што нема да постојат конфликти, туку сите теми се разјаснети, нема да има прашања за кои ќе речеме оставете ги за во иднина и за кои би се отворило поле на конфликти. Ќе биде одржлив, комплетен договор.

Но коалиционите партнери на Ципрас не се согласуваат со име кое го содржи терминот Македонија. Портпаролката на владејачката партија Независни Грци вели дека ако вакво решение дојде во грчкото Собрание, тие ќе гласаат против.

Вчера несогласување со рамката за договор изрази и Претседателот Иванов. Тој по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров на Водно, рече дека целиот процес му наликува на личен договор меѓу Ципрас и Заев потенцирајќи дека за него не е прифатливо ерга омнес решение

„Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба, или ерга омнес“ – стои во соопштението испратено од Кабинетот на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Во финишот на преговорите, вчера поддршка за конечно решение на спорот стигна и американскиот Стејт Департмент.

„Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот“ – стои во соопштението на американскиот Стејт Департмент што го пренсе Гласот на Америка на македонски јазик.

Премиерите Заев и Ципрас прават напори да постигнат договор пред 28 јуни за кога е закажан Самитот на Европската Унија на кој треба да се реши дали Македонија ќе добие датум за старт на преговорите.